Рама и Мицкоски утре на Ќафасан, ќе биде промовиран новиот граничен систем „One Stop Shop“

Премиерот на Албанија, Еди Рама, и премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, утре, 22 ноември, ќе престојуваат на граничниот премин Ќафасан, каде што ќе биде промовиран новиот интегриран граничен систем „One Stop Shop“.
Официјалната церемонија ќе започне во 10:00 часот, по што се предвидени и заеднички изјави за медиумите.
Системот „One Stop Shop“ предвидува обединување и координација на полициските и царинските контроли на едно место, со што ќе се избегнат повторените проверки од двете страни на границата.
Целта е да се намали времето на чекање и да се олесни движењето на патниците и стоката меѓу Северна Македонија и Албанија.
Граничниот премин Ќафасан претставува една од важните транспортни и трговски врски меѓу двете земји, како дел од Коридорот 8.